Земјоделецот Марјан Мишев од штипската приградска населба Стар Карорман има нов трактор со помош од државата. Тој од националната Програма доби 1.200.000 денари за да си купи трактор за обработка на неговата земја. Мишев е успешна приказна, а денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски во техничката Влада го посети во Стар Карорман. Николовски истакна дека во изминатите години се давало шанса на секој апликант.
-Нема селекции, лошата слика во земјоделството преку уцените, притисоците и селективноста во минатото ја испративме и оставивме во минатото. Земјоделецот денеска има верба во институциите и заедно партнерски градиме доверба и нови мерки, вели Николовски.
Тој посочи дека затоа нашата земја е лидер во регионот во реализацијата на ИПАРД 2 Програмата која почна во 2017 година, а веќе е завршена. Во нејзините рамки се реализирани 2.100 договори, а веќе се исплатени 63.100.000 евра кон апликантите.
-Нема ниту едно населено место во државата, каде што нема да ја сретнете таблата на ИПАРД. ИПАРД Програмата е важна поддршка на ЕУ за земјоделците и значи развој и модернизација на земјоделството и кога збориме за модернизација нема напредок без инвестиции, вели Николовски.
Тој забележа дека преку оваа Програма се прошируваат преработувачките капацитети, се отвараат нови работни места и директно се помага македонската економија. Николовски истакна дека со ИПАРД 3 Програма во првиот јавен повик на земјоделците им стојат на располагање 30 милиони евра, а до нив се веќе доставени апликации кои се вредни над 90 милиони евра и тоа какошто рече Николовски се квалитетни, вистински апликации од земјоделците.
-Со новата ИПАРД Програма предвидуваме и авансна исплата за првпат во 50 проценти, веднаш по потпишувањето на договорите што е значајна предност и олеснување за земјоделците да не се задолжуваат и да не мислат како ќе ги обезбедат парите. Туку веднаш по потпишувањето на договорот имаат можност да добијат 50 проценти аванс, вели Николовски.
Тој додаде дека младите земјоделци кои аплицираат во оваа Програма добиваат и поголем процент на кофинансирање. Николовски при денешната посета на земјоделците во штипскиот регион истакна во наредните четири години преку ИПАРД 3 Програмата на располагање ќе имаат над 200 милиони евра.