Вицепремиерот за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски истакна дека за прв пат, сите државни функционери ќе имаат ограничување на трошоците за угостителски услуги.

На денешната седница на Владата разгледана е и усвоена Одлуката со која ги ограничуваме средствата за угостителски услуги за лица именувани од Владата, предложена од мојот Кабинет, посочи Николовски.

„Станува збор за точно определен износ што може да се користи по лице, во зависност од функцијата на лицето кое го организира работниот состанок.
Предвидовме контролни механизми и прецизна евиденција со која ќе овозможиме отчетно и транспарентно однесување на носителите на јавните функции, во служба на граѓаните. Со тоа ги намалуваме ризиците за лошо управување, злоупотреба на моќта и положбата, злоупотребата на довербата на граѓаните, како и намалување на системската корупција“, потенцираше Николовски.

Николовски нагласи дека ќе се заложи за домаќинско трошење на средствата на нашите даночни обврзници!

„Наша задача е да создадеме систем во кој секој народен денар од буџетската каса ќе биде наменски потрошен за подобрување на условите на граѓаните и за комплетен напредок на државата“, истакна Николовски.