Поранешниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски оствари средба со претставници на Национална федерација на фармери.
– Ми претставуваше задоволство соработката која ја имав со Национална федерација на фармери – National Federation of farmers – NFF посебно во делот на малите производители, руралните жени и подобрување на нивниот економски и социјален статус како и програмата за школски шеми и здрав оброк во училиштата и градинките. Заедно успеавме да креираме значајни мерки и програми кои го подобруваат животот на руралните жени и земјоделците. Преку нашата средба и фотографии, се потсетивме на нашата успешна соработка и постигнатите резултати, порача тој на својот фејсбук профил.
– Во 2018 беше потпишана Декларација за подобрување на економската и социјалната положба на жените од руралните средини од страна на НФФ, Мрежата за рурален развој, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за труд и социјална политика на Меѓународниот ден на руралната жена и целиот процес беше подржан од UN Women и Шведската организација за развој We Effect Europe.
Во соработка со НФФ, Факултетот за земјоделски науки и храна, UN Women и We Effect донесовме мерка за поддршка на активен женски член во земјоделското стопанство која е дел од Програмата за финансиска поддршка за рурален развој во насока на нивно економско јакнење и на иницијатива на НФФ и моја заложба се отстранија дискриминирачки критериуми (жената да има 1 дете, да е мажена, невработена, да живее на 800 метри надморска височина во населено место со 200 жители) за аплицирање за оваа мерка .
И ова беше храбар чекор со резултат од над 350 склучени и реализирани договори за поддршка до 6.000 евра на руралните жени за инвестиции во набавка на опрема и продажба од праг.
Благодарение на нашата соработка за првпат по 30 години е покрената и иницијатива за решавање на проблемот на породилното отсуство на жените фармери, кои го стекнале статусот на регистриран земјоделец согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Успеавме да најдеме привремено решение за надоместок за мајчинство после породување за регистрираните индивидуални земјоделки преку Програма за поддршка за социјална сигурност на жените кои вршат земјоделска дејност. Ова навистина е голема дискриминација за земјоделките и е направен сериозен и професионален чекор за решавање на овој проблем.
Во заедничка соработка со НФФ и невладиниот сектор донесени се програми за поддршка на мали оператори за храна, малите семејни винари, направени се измени во Законот за вино преку кој е дефинирано да се утврдува производната цена на винско грозје по килограм најдоцна до 15 јули во тековната година, воспоставување на школски шеми и поддршка на функционирање на групи на производители.
Ваквите соработки се доказ дека можеме заеднички да дејствуваме преку институциите во соработка со невладиниот сектор во насока на развој на земјоделството и руралните заедници, наведува Николовски.