Од денеска, во СДСМ започнува постапката за ажурирање на членството и активна регистрација на секој член. Согласно точно одредена процедура и рокови за реализација на постапката која ќе трае до 25 февруари., информираат од партијата.

„Денеска започна постапката за ажурирање на членството и активна регистрација на секој член која ќе трае до 25 февруари. Ова е дел од новиот крупен исчекор кон поголема внатрепартиска демократија. Оваа година претседателот на СДСМ ќе го бираат членовите, на непосредни внатрепартиски избори процес што за прв пат се случува во нашата татковина“ – информираше генералниот секретар за партијата Љупчо Николовски.
„Постапката во СДСМ започнува денеска од најмалите организациони единици на партијата, месните одбори. Тимови од месните одбори ќе го посетат секој наш член, ќе разговараат ширум татковината, секако почитувајќи ги мерките за заштита од коронавирусот. Понатаму постапката продолжува во комисиите на општинските организации па се до највисоките партиски органи и до Централниот одбор. Целосно транспарентно и одговорно.“ – рече Николовски.

Активната регистрација, ќе може да се реализира и самостојно преку онлајн пријавување, во електронска форма на следниот ЛИНК.

„Ги повикувам членовите да се информираат и оваа постапка да ја направиме заедно, темелно, одговорно, како што знае СДСМ. Ваквиот, современ, транспарентен процес ќе го заокружиме со издавање на нови, модерни електронски членски картички, перонализирани за секој член на партијата. Досегашните хартиени ќе ги замениме со нови, дигитални“ – рече Николовски.

Тој нагласи дека партијата продолжува да се менува и работи во интерес на граѓаните и државата!
„СДСМ постојано се менува, се унапредува, демократизира, модернизира. Се подобрувме за подобро да ви служиме на Вас, граѓаните.“ – дециден е Николовски.

„Се надевам овој чекор на СДСМ ќе инспирира и други партии во земјава да не следат, да се реформираат и реорганизираат. Тоа е здраво за државата. Колку поголема демократија толку подобро. Повеќе праведност, правичност, посилен напредок“ – заклучи генералниот секретар на СДСМ.

Информациите и клучните чекори за овој процес се достапни на интернет страницата на СДСМ и на официјалните канали на социјалните мрежи.