Денеска во валандовско владини претставници го пуштија во употреба новиот, модерен систем за наводнување долж јужната долина на реката Вардар, за наводнување на нови 2.150 хектари земјоделско земјиште. Оваа капитална инвестиција е во износ од 24 милиони евра.
„Овој систем е дел од „Програма за наводнување на јужната долина на реката Вардар втора фаза“ и особено ми e драго, што лично кога бев министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, започнавме со подготовка и реализацијата на овој проект што денес е реалност. Земјоделците од валандовскиот регион добиваат современ систем за наводнување на земјоделските површини, за помали трошоци, за поквалитетно и поконкурентно земјоделско производство. Изградбата на овој систем е пример како треба да се грижиме за развојот на оваа наша стратешка гранка, двигател на нашата економија“, порача вицепремиерот Љупчо Николовски кој заедно со премиерот Заев присуствуваа на пуштањето во употреба на системот.
„Реализацијата на капиталните инвестиции во земјоделството се клучни за креирање одржливи услови во земјоделството!“, порача Николовски.