Наместо замрзнување на цените, продуктите што ќе се најдат во „есенската кошничка“ ќе бидат со ограничени маржи од бруто 10 проценти, објасни денеска министерот за економиија и труд, Бесар Дурмиши.

Леб, пекарски производи, млечни продукти, овошје и зеленчук, се артиклите кои треба да се најдат во есенската кошничка.

„Оваа мерка ќе биде краткорочна и во сила еден месец. Праксата на нејзиното донесување ќе продолжи за новогодишните и сите следни празници“, рече Дурмиши.

Според најавите, оваа мерка ќе се донесе следната недела, на следната владина седница.

Но, за опозициската СДСМ, ова е промашена мерка, која според нив нема да даде никаков ефект.

„Намалувањето на маржите само на околу 100 производи не е никакво конкретно решение, ниту ќе има сериозен ефект на намалувањето на цените. После мачкањето очи на граѓаните со намалувањето на цените за фломастерите и моливите откако започна учебната година, ова е нова манипулација без никаков ефект кое има за цел само кратко да го смири гневот на јавноста“ велат од СДСМ.

Последниот период се случува постојан раст на цените на основните продукти, а меѓу нив и на овошјето и зеленчукот.

Поради високите цени се повеќе граѓани се откажуваат од традиоционалното правење зимница, а во видеото подолу погледнете што мислат за цените на пазарите и маркетите.