Неверојатна игра на судбината се случи на семејсвото Филиповиќ од Куманово, чија малолетна ќерка Јелена загина во сообраќајка, по која се случија неколку немили настани, за да кулминација се случи денеска во центарот на Скопје.

Како што дознава „Слободен печат“, во сообраќајката во која денеска загина пешак на мостот „Гоце Делчев“ во Скопје, зад воланот на џипот „БМВ“ била мајката на Јелена Филиповиќ.

Првичните информации се дека до несреќата дошло кога автомобил марка „БМВ“ со кумановски регистерски таблички со кој управувала Г.Ф. (42) удрил во пешак С.А. (76) кој преминувал пешак, кој ја преминувал улицата во непосредна близина на мостот.

Како што изјавија од ОЈО, По наредба на јавен обвинител ќе се врши обдукција на телото на починатиот, а од лицето кое управувало со автомобилот земени се примероци од крв и урина за да се утврди евентуално присуство на алкохол или други недозволени средства. Со наредба на јавниот обвинител ќе бидат обезбедени и снимките од видео надзорот на околните објекти со цел да се утврдат причините за несреќата. Дежурниот јавен обвинител издаде наредба и за технички преглед на автомобилот.

Како што ѝ е познато на јавноста, Јелена Филиповиќ беше девојката по чија смрт нејзиниот лик се појави на билборд пред Кривичниот суд, а на кој пишуваше „Возев пијан и дрогиран и ја убив Јелена“. Нејзиниот татко Драган Филиповиќ (57) обвинуваше дека Јелена бил убиена, по што беше осквернавен нејзиниот гроб.

ОЈО Куманово на почетокот на годинава поднесе обвинение против кумановецот Д.Б. кој на 11 октомври годинава, заедно со Р. С. (30) и Б.Н. (32) двајцата од Куманово, кои биле пуштени на викенд од казнено-поправна установа Идризово, извршиле сквернавење на гробот. Иако се товарат за тешка кражба, мајката на Јелена обвини дека не станувало за обид за кражба туку за обид да се заплаи семејството пред почетокот на судењето за сообраќајката.

Пред два месеци Никола Стефановски (21) беше осуден на 7,5 години затвор за сообраќајкта во која загина Јелена, бидејќи возел со брзина поголема од дозволената и под дејство на алкохол и наркотици. Трагичната сообраќајка се случила на 14.01.2020 во 01.30 часот на крстосницата од ул.„2“ и ул.„10“ во село Миладиновци и локален пат за село Бујковци, кај железничката пруга, кога автомобилот „цитроен ц5“, управуван од Стефановски, излетал од коловозот. На местото на незгодата починала Јелена, а тешко биле повредени Стефановски и сопатничката Тамара П., по што биле пренесени во комплексот клиники „Мајка Тереза“. Семејството обвинуваше и тврдеше дека при увидот по сообраќајната несреќа се направени повеќе грешки и сметаа дека нивната ќерка била убиена откако со тешки повреди ја преживеала сообраќајната несреќа.

Во меѓувреме му се суди и на Драган Филиповиќ, кој барал од двајца кумановци кои му должеле пари да го убијат возачот и сопатничката од автомобилот во кој настрада малолетничката.