Премиерот Зоран Заев заедно со градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски направија увид на неколку тековни проекти кои Владата и локалната самоуправа заеднички ги реализираат во оваа општина меѓу кои и поврзувањето на 1.000 домаќинства од Хиподром 1 и Хиподром 2, на градската топловодна мрежа, инвестиција вредна 600.000 евра.

-Една од стратегиските определби на Владата на Северна Македонија е поддршката на единиците на локалната самоуправа за нивна целосна финансиска независност. Со максимална децентрализација на власта создаваме услови за да го обезбедиме тоа што го очекуваат граѓаните непосредно од нивните општини: пристоен, достоинствен живот, со сите подобности директно во нивната локална заедница. Овие очекувања на граѓаните во населеното место Хиподром во Општина Гази Баба се во голема мерка остварени, рече Заев.

Тој ги спомена изградбата во претходниот мандат на Владата, на нова училишна модерна зграда за основното училиште „Вера Јоциќ, а во услови на пандемијата со КОВИД-19 и завршената изградба на спортската сала на училиштето.

-Оваа година влегуваме во реализација на уште еден заеднички проект од посебен интерес на граѓаните на Гази Баба, односно на населеното место Хиподром. Заедно со Електрани на Северна Македонија, односно со нивната подружница „Енергетика“ околу 1.000 домаќинства и деловни објекти ќе се приклучат на мрежата за топловодно греење во Хиподром и во повеќе други населени места. Станува збор за инвестиција вредна околу 600 илјади евра која ќе се реализира во следните две до три години. Со ова проширување на топловодната мрежа во Гази Баба се очекува голем бенефит за граѓаните како што се намалување на потрошувачката на струја за домаќинствата приклучени на системот, стабилно и современо загревање на домовите, како и намалување на причинителите на аерозагадувањето, рече Заев.

Покрај ова, додаде, ќе се создадат предуслови и за дополнително проширување на секундарната топловодна мрежа, како и можности за нови приклучоци и поголем опфат на домаќинства во иднина.