Полицијата поднесе кривична пријава против неколку лица во Кавадарци зошто береле грозје во туѓа нива. Кривична е поднесена и против лицето поттикнувач на кражбата, исто така од Кавадарци, информираа денеска од СВР Велес.

– ОВР Кавадарци до Основно јавно обвинителство Кавадарци поднесе кривична пријава против 41-годишната С.В, Н.В.(43) и Р.В.(24), сите од Кавадарци, поради постоење основи на сомневање дека сториле кривично дело „кражба“ по член 235 став 5 во врска со став 1 од Кривичниот законик и против З.К.(64) од Кавадарци, поради постоење основи на сомневање дека сторил кривично дело по член 235 став 1 во врска со член 23 до Кривичниот законик, соопштија од СВР Велес.

Оттаму појаснија дека на 14 септември, полициски службеници од ОВР Кавадарци ги затекнале С.В., Н.В. и Р.В. како берат грозје од лозов насад во атар на село Возарци, Кавадаречко, сопственост на 54-годишната Л.Р. од Кавадарци.

– Притоа, во возило комби „форд“ со кавадаречки регистарски ознаки, паркирано покрај насадот и во редовите од насадот биле пронајдени 11 вреќи полни со грозје со вкупна тежина од околу 300 килограми. З.К. го сторил делото на тој начин што го поттикнал Н.В. да го изврши. Тие се сретнале на 13 септември во вечерните часови, при што му рекол да оди на тој лозов насад и да го обере грозјето, подвлекоа од СВР Велес.