По спроведена претходна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе обвинителен предлог против 35-годишна скопјанка која се товари за шест кривични дела „тешка кражба“ од член 236 став 1 точка 3 од Кривичниот законик, соопштија од ОЈО Скопје.

– Обвинетата, на 3 септември, на автобуска станица кај пазарот во населбата Ченто, се качила во автобус заедно со една жена на која ѝ отстапила место да седне. Во разговор со оштетената обвинетата дознала дека се упатила кон билетарница на ЈСП за да ја надополи картичката за превоз и за да ја стекне нејзината доверба се понудила да ѝ помогне. Заедно се симнале од автобус, а обвинетата ѝ кажала на оштетената да седне на клупа и дека таа ќе оди до билетарницата да ја надооплни картичката. Забележала каде оштетената го чува паричникот, па се понудила да ѝ ја земе торбата за да не ѝ пречи и дека за кратко ќе се врати. По тоа, обвинетата ја зела торбата во која имало паричник со картичка и пари, во вкупна вредност од 7250 денари и заминала во непознат правец, информираат од скопското обвинителство.

На 8 септември, обвинетата дошла во куќа на улица „Кавадарска“ во Скопје, на сопственикот му се претставила како медицинска сестра која дошла да го прегледа и да му стави облоги на нозете. Додека тој се подготвувал за преглед, таа од домот украла паричник со 15 315 денари. На 9 и 10 септември, пак, влегла во два дома, претставувајќи се како попишувач од пописна комисија. На сопствениците им барала сертификат за вакцинација и лична карта и додека тие ги барале документите, им ги одзела паричниците во кои имало пари и банкарски картички. На тој начин од едниот дом одзела предмети вредни 1900, а од другиот – 900 денари, додават од обвинителство.