Советот на ЕУ усвои ревидирана препорака за мерките кои влијаат на слободното движење за време на пандемијата Ковид-19, според која мерките треба да се спроведуваат земајќи го предвид индивидуалниот статус, а не ситуацијата со заразата на регионално ниво.

„Ова значи дека вакцинацијата на патникот, тестирањето или опоравувањето од Ковид-19, потврдено со валиден дигитален сертификат на ЕУ, треба да биде клучна одредница“, се вели на официјалната веб-страница на Советот на ЕУ.

Во објавата се посочува дека пристапот заснован на личност значително ќе ги поедностави правилата и ќе обезбеди дополнителна јасност и предвидливост.

Како што е наведено, оваа препорака ќе стапи на сила на 1 февруари, од кога рокот на важност на ковид-сертификатот ќе биде ограничен на 270 дена.

На веб-страницата на Советот е наведено дека важечкиот дигитален сертификат вклучува потврда за вакцинација, негативен резултат од ПЦР тест или прележан ковид.

Што се однесува до потврдата за вакцинација, се наведува дека тоа е документ за примена вакцина одобрена на европско ниво, доколку поминале најмалку 14 дена и не повеќе од 270 дена од последната доза од примарната серија на вакцинација или ако лицето добило бустер доза.

„Земјите-членки, исто така, би можеле да прифатат сертификати за вакцинација со вакцини одобрени од националните власти или СЗО“, се вели во препораките на Советот.

Вториот документ е негативен резултат од ПЦР тест добиен не повеќе од 72 часа пред патувањето или негативен брз антигенски тест добиен не повеќе од 24 часа пред патувањето, а третиот е потврда за закрепнување што покажува дека не поминале повеќе од 180 дена од датумот на првиот позитивен резултат од тестот.

Од лицата кои немаат дигитален ЕУ ковид сертификат може да се бара да се подложат на тест пред или најдоцна 24 часа по пристигнувањето. Децата под 12-годишна возраст, како и прекуграничните работници, се изземени од ова правило.

Како што беше најавено, ЕУ ќе продолжи да ја проценува состојбата во регионите, а т.н. механизам на итна сопирачка е задржан во случај на појава на нови варијанти или зголемена загриженост за ширење на вирусот.