Патарините во Грција од денеска се поскапи за 7,6 отсто, одлука што требаше да се примени минатата година, но се одложи, а зголемувања на цените се планирани и во следните две години, јави дописничката на МИА од Атина.

Патувањето со автомобил од Атина за Солун е за нешто повеќе од две евра поскапо, односно од 31,35 евра колку беше досега, сега веќе чини 33,75 евра.

Според грчките медиуми, цените ќе останат исти на автопатите Егнатиа во северна Грција и на Атики во пошироката област на Атина.

Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис минатиот месец објасни дека зголемувањето на цените на патарините е обврска на државата кон концесионерите, согласно годишната инфлација во земјата и посочи дека од 2025 година цената ќе биде за уште два проценти повисока, а за 2026 година е планирано уште едно поскапување за два отсто.

Во 2022 година, требало да се донесе одлука за зголемување на патарините за 2023 година врз основа на висината на инфлацијата од септември 2022 година, кога изнесувала 12 отсто, што во пракса значи дека патарините на почетокот на минатата година требало да бидат за 12 проценти поскапи, меѓутоа од Министерството за инфраструктура и транспорт била донесена одлука да се замрзнат цените и да нема промени.

Но, според Маринакис, обврската се одложила и затоа ќе бидат воведени зголемувања во следните три години, односно 7,6 проценти за 2024 година и по дополнителни два отсто за двете наредни години.