Почнувајќи од 22 април 2020 година (среда), се воведува мерка за забрана за движење на населението на подрачјата на општините Куманово, Тетово и Прилеп, без носење на соодветна заштитна опрема (маска, шал, марама и сл.), надвор од своите домови, на сите јавни места и површини од отворен и затворен тип, како и затворени простории, маркети, продавници или сл, одлучи Владата на последната нејсина седница.

За оваа цел, Владата, го задолжи Министерството за здравство да подготви и за наредната седница на Владата да достави уредба со законска сила во која правно ќе го нормира ова прашање, начинот на имплементирање, користење, потребната заштитна опрема, како и да се уреди прашањето на минимум задолжителната количина (резерва) што производителите на маски треба да ја имаат за потребите на државните институции. Во уредбата да се предвиди дека обврската за носење на заштитна опрема ќе се применува на територијата на Република Северна Македонија, но по извесен период.

Задолжение доби и Министерството за внатрешни работи, во соработка со општинските штабови за заштита и спасување, најдоцна до 21 април 2020 година (вторник), да подготват посебен оперативен план за присуство и дејствување на припадниците на полицијата во подрачјата на општините Куманово, Прилеп и Тетово, преку користење на засилени патроли и засилено присуство на полицијата, користење на мегафонска опрема од полициските возила на јавните места и површини, со цел контрола над почитувањето на одлуките, мерките и препораките донесени од Владата на Република Северна Македонија.