На американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ му се одобрени 15 милијарди денари односно 243 милиони евра за проектот за коридорите 8 и 10д, средства што се предвидени со буџетот на Министерството за транспорт и врски за годинава. Програмата за финансирање патна инфраструктура за проектот Коридор 8 и Коридор 10д за 2023 година е донесена вчера на седница на Владата, а денеска е објавена во Службен весник на РСМ.

Владата ја донела Програмата врз основа на член 5 став (2) од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на Проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница Тетово-Гостивар-Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга-Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на Автопатот Прилеп-Битола) и член 30 став (8) од Законот за извршување на Буџетот на Северна Македонија за 2023 година.

Со Програмата се утврдува намената на средствата потребни за финансирање на патната инфраструктура за имплементација на Проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10Д, кои се обезбедени во Буџетот на РСМ за 2023 година, Раздел 130.01 Министерство за транспорт и врски, Потпрограма 2М-Инвестиции во патна инфраструктура, категорија 48 Капитални расходи, на ставката 489-Капитални субвенции за претпријатија и невладини организации, во износ од 15.000.000.000 денари.

-Средствата од точка 1 од оваа Програма се користат за проектот за проектирање и изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10Д согласно Договорот потпишан помеѓу Јавното претпријатие за државни патишта, Министерството за транспорт и врски и Бехтел/Енка за изградба на Коридор 8 и Коридорот 10Д, стои во објавената програма во Службен весник.

Како што се прецизира, средства во износ од 7.254.000.000 денари (117.000.000 евра) се исплаќаат во две транши и се наменети за мобилизација, екипирање со механизација, воспоставување кампови, лабораторија и други работи од страна на изведувачот на работите пред да се започне со градежни активности на трасите: делница 1 (Тетово – Гостивар), делница 2 (Гостивар – Букојчани), делница 3, (Требениште – Струга – Ќафасан) и делница 4 (Прилеп – Битола).

Средствата од првата транша која изнесува 5.390.000.000 денари (87.000.000 евра) и од втората транша во износ од 1.864.000.000 денари (30.000.000 евра) се исплаќаат согласно член 14.7 од Договорот за изградба на Коридор 8 и Коридорот 10Д.

Исто така, средства во износ од 3.100.000.000 денари (50.000.000 евра) се наменети за авансно плаќање согласно член 14.2 од Договорот за изградба на Коридор 8 и Коридорот 10Д односно за мобилизација, набавка на опрема, бази и материјали за изведувачот и за поддршка на пристап до средства.

Предвидени се 1.580.000.000 денари (25.500.000 евра), за капитални индиректни трошоци односно за трошоци кои се задолжени од странски изведувач и се во функција на поддршка на градежни активности вклучувајќи асистенција од специјалисти за технички, комерцијален и управувачки капацитет за надгледување на проектот и надгледување на активностите на проектот од персонал од главната канцеларија на изведувачот.

Намената пак на средства во износ од 49,5 милиони евра (3.066.000.000 денари) е изработка на проектна документација за изградба на автопатиштата, за дислокации на подземни и надземни инсталации, изведба на дислокации на подземни и надземни Службен весник на РСМ, бр. 63 од 21.3.2023 година 2 од 3 инсталации, подготвителни градежни активности на траса, градежни активности односно изградба на траса, геомеханички истраги, обезбедување на канцеларии и други потреби за надзорот и друго, за патните правци: Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан и Прилеп – Битола.

Исплатата на средствата од оваа програма се врши врз основа на претходно извршен надзор и доставено барање со наведен износ за исплата и копија од ситуација со комплетна исплатна документација, која Јавното претпријатие за државни патишта ја доставува до Министерството за транспорт и врски.

Врз основа на доставеното барање и документацијата од оваа програма, Министерството за транспорт и врски врши исплата на средствата на Јавното претпријатие за државни патишта.

Програмата влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањетo во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Со Договорот со „Бехтел и Енка“ што беше потпишан на 8 март годинава, ќе се градат четири автопатски делници во должина од 108,8 километри. Вредноста на проектот е 1,3 милијарди евра, без парите за експропријацијата и проектирање.

Првичните пресметки покажуваат дека делницата Тетово – Гостивар во должина од 17,5 километри чини 125 милиони евра, Гостивар – Букојчани (30,3 километри) 560 милиони евра, Требеништа – Струга – Ќафасан (21,7 километри) 360 милиони евра, а Прилеп – Битола (39,4) 260 милиони евра. Автопатските делници ќе бидат со по три ленти и широки по 10,7 метри со зеленило. Просечната цена по километар треба да изнесува 12 милиони евра.

Стартни активности за проектот, од ЈПДП најавија следниот месец на делниците Тетово – Гостивар и Прилеп – Битола.

Како што образложија од Министерството за транспорт и врски на церемонијата на потпишувањето на Договорот, цените се поткрепени врз основа на физибилити студија изготвена од Градежниот факултет, а ревидирана од консултантската компанија „Гранд Тортон“. Договорот со изведувачот е изготвен согласно принципот на ФИДИК договорите, односно според принципот на измерени количини. Тоа значи дека плаќањата ќе се вршат според реализираните работи на терен.

За правен трансакциски советник и надзор за проектот е избран конзорциумот ИРД, а по објавените сомнежи во јавноста за компании кои се дел од овој конзорциумот Државната комисија за спречување корупција отвори предмет.

Премиерот Димитар Ковачевски, пак, завчера на новинарско прашање рече дека што и да утврдат надлежните за коридорите 8 и 10д Владата ќе постапи согласно со наодите.