После официјално доставените податоци од Министерството за внатрешни работи, а во однос на опожареното возило со регистарски број SK-0284-BA во сопственост на фирмата Беса Транс БТБ, кое уествуваше во сообраќајната несреќа со трагични последици во Република Бугарија, Министерството за транспорт и врски утврди дека за споменатото возило нема издадено извод од лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз за патници, ниту пак за друг вид на јавен превоз на патници.

-Истото возило не е евидентирано во електронската евиденција на издадени лиценци и извод од лиценци за вршење на јавен внатрешен и/или меѓународен превоз на патници која ја води Министерството за транспорт и врски. Притоа, напоменуваме дека Министерството за транспорт и врски има регистрирано четири лиценцирани возила на фирмата Беса Транс БТБ, а возилото кое учествуваше во несреќата не е меѓу нив. Согласно член 12 од Законот за превоз во патниот сообраќај, а поради недостатоците што се утврдени од страна на Министерството за транспорт и врски, а воедно и со цел да се превенира какво било друго дејство од страна на фирмата кое би можело да предизвика негативни последици, на фирмата Беса Транс БТБ и се одзема лиценцата за работа, односно се забранува вршење на дејност, велат од министерството.

Притоа, фирмата е должна веднаш да ги депонира лиценцата за вршење на меѓународен слободен превоз на патници и изводите од лиценцата за вршење на меѓународен слободен превоз на патници до Министерството за транспорт и врски.

Дополнително, Владата на Република Северна Македонија на последната седница го задолжи Државниот инспекторат за транспорт да изврши вонреден инспекциски надзор на превозникот Беса Транс БТБ.

Министерството за транспорт и врски е во целосна координација со останатите државни институции и стои на располагање со целокупната база на податоци.