„Моментално во нашата земја се пренаменува земјиште, ако има барање од економија за геолошки истражувања. Се даваат под закуп, така да и после 10-тата година, ако државата цени, право е на министерството да не дозволи да се пренамени“, вели министерот за земјоделство, Аријанит Хоџа за емисијата „Топ тема“, коментирајќи го новото законско решение предвидува продажба до 50 илјади хектари државно земјоделско земјиште по ниски цени.

Според него, пренаменувањето на земјоделското земјиште се предвидува со Законот за земјоделско земјиште.

„Доколку завршува, после 10-тата година, странката бара да се пренамени, не може врз основа на овој Закон да го пренамени. Ќе треба да направи дополнително барање врз основа на законот и Законот за урбанизам и треба транспорт и врски да не праша нас како министерство, дали се согласуваме за пренамена“, вели Хоџа.

Со новиот нацрт закон ќе се продава државно земјоделско земјиште за цена од 0,20 евра до 1 евро по метар квадратен или од 12 до 61 денар. Ќе може да се продадат до 50 илјади хектари слободно земјоделско земјиште. Освен утврдената цена, она што е различно од законското решение донесено во 2013 година е што после 10 години земјоделското земјиште освен за градежни активности ќе може да се даде и под концесија за геолошки истражувања или експлоатација на минерални суровини.