Денес, 29 ноември 2021 година во 11:55ч. Амбасадорот Дејвид Гир, Шеф на делегацијата на Европската Унија и Никола Димитров, заменик претседател на Владата за европски прашања ја започнаа новата кампања „ЕУ со ТЕБЕ“ која се фокусира на Европскиот Зелен договор. Настанот се одржа во присуство на Министерот за животна средина, градоначалниците на општините од целата земја и членови на дипломатската заедница. Во своите пораки, Амбасадорот Гир и заменикот премиер Димитров повикаа на силна политичка посветеност и директна акција на сите нивоа бидејќи немаме време. Бидејќи „Немаме планета Б“.

Пред почетокот, симболично определен да биде во 11 часот и 55 минути, публиката имаше можност да го посети „Музејот на иднината“, кој беше поставен како потсетник што може да изгубиме во текот на нашиот животен век како резултат од климатските промени и деградацијата на животната средина. Поставката не ги вклучува само суштинските ресурси на планетата, како што е чиста вода, чист воздух, пчелите, туку и локалните богатства како што е на пример доматот „Јабучар“ карактеристичен за Северна Македонија и Балканскиот рис. „Музејот на иднината“ може да го видите на страницата https://eugreendeal.mk/ и тој ќе патува низ градовите во Северна Македонија од 2022 година.

Во својот говор, Амбасадорот Гир подвлече дека „Зелениот договор е повеќе од само политичка амбиција. Тој содржи практични активности што ги вклучуваат сите – владата, општините, бизнисите, граѓанското општество и обичниот граѓанин. Тој значи преземање сеопфатна реформа и создавање иницијативи што ќе привлечат зелени инвестиции – јавни или приватни. Се работи за трансформација на начинот на кој живееме, внатре во Европската Унија и во идните земји членки. ЕУ е тука да ве поддржи“. Амбасадорот Гир, исто така, упати на различните инструменти што се дадени на располагање од ЕУ, а кои ќе помогнат земјата и општините да се справат со предизвиците од климатските промени и ќе го подобрат животот на граѓаните. Тој ги повика надлежните институции да ги искористат можностите.

Заменикот премиер Димитров понатаму додаде дека „ниту ЕУ ниту земјата може да се справат со климатските промени ако Северна Македонија и регионот не ги достигнат Европските стандарди за заштита на животната средина. Зелената агенда за Западен Балкан претставува генерална и конкретна слика за стратешкото партнерство и потврда дека Европската Унија е најголемиот донатор и најголем поддржувач. Ова се областите каде што целиот регион треба многу да стори и е соочен со сериозни предизвици на патот кон Европската Унија“. Тој верува дека „Зелениот акциски план може да се спроведе со заедничка работа. Важноста на животната средина како клучна област е препознаена од Агендата: Европа дома и е подигната на ниво на кластер 1 – Основа.