По денешната одлука на Апелацискиот суд Скопје со која беше прифатена жалбата на Сашо Мијалков и е преиначено решението за притвор, предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Предлог за определување на мерката притвор за Сашо Мијалков, обвинет за помагање при кривично дело ,,Перење пари и други приноси од казниво дело,, од чл.273 ст.1 в.в. чл.24 од Кривичниот законик во предметот познат во јавноста како „Плацевите на Водно”.

Имено, обвинителот цени дека и покрај дадената гаранција и определените мерки за обезбедување, се уште постои опасност од бегство и во таа насока го достави Предлогот за притвор.​

Апелацискиот суд во Скопје ја прифати гаранцијата од 11 106 501 евро, a Мијалков ќе излезе од притвор откако ќе биде приложена финансиската гаранција со која мерката притвор се преиначува во мерки за претпазливост, односно одземање на пасошот и обврска да се јавува во судот. Гаранцијата над 11 милиони евра се состои и во недвижен и во подвижен имот, а Мијалков треба да излезе од притвор кога ќе завршат административните процедури со ставање под хипотека на имотот што е понуден како гаранција дека нема да избега.

Мијалков издржува мерка притвор во предметот „Трезор”, каде е неправосилно осуден на осум години затвор.

Тој има првостепена пресуда и во случајот „Таргет – Тврдина” со која е осуден на 12 години затвор, а обвинет е и во случаите „Плацови на Водно” и „Титаник 2″, а осомничен е и во предметот „Империја”. Во „Тортура”, пак, доби ослободителна пресуда.

Сашо Мијалков се наоѓа во затворот во Шуто Оризари од 26 февруари годинава, откако претходно неколку дена беше во куќен притвор.