Mинистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска заедно со премиерот Димитар Ковачевски присуствуваа на потпишувањето на договорот за избор на консултантска компанија за отпочнување постапка за изградба на откупно-дистрибутивни центри во Струмица и Ресен.
– Среќен сум што годинава ја заокружуваме со потпишување на договорот со кој го иницираме процесот за изградба на два откупно-дистрибутивни центри во Ресен и Струмица со коишто ги зајакнуваме капацитетите за ладење, сортирање, класирање и пакување во главните производствени региони на овошје и зеленчук во земјата. Околу 12 милиони евра обезбедуваме преку Проектот за модернизација на земјоделството за развој и изградба на двата откупни центри, порача министерот Николовски.

412848723_900362108124293_417775004897354587_n
Со технолошки иновативниот откупно-дистрибутивен центар во Ресен, кој е предвидено да се простира на површина од околу 10.000 м2, и да процесира околу 5.000 до 8.000 тони овошје, ќе се пополни критичниот недостаток на објекти за ладно чување на овошје, што е еден од клучните инструменти за постандардизирано и поквалитетно производство. Центарот ќе вклучува и линии за сортирање и пакување за домашниот и меѓународниот пазар.
Окупно-дистрибутивниот центар во Струмица ќе овозможи стандардизирано ракување со земјоделските производи, собирање на едно место на произведените количини, зголемување на пазарната моќ и обезбедување на потребната инфраструктура и услуги за исполнување на квалитетни, санитарни и фитосанитарни стандарди потребни за пристап до големите пазари, што би било од особено значење и влијание за малите земјоделски производители.
Откупно-дистрибутивниот центар во Струмица предвидено е да се простира на површина од 12.000 м2 и да процесира 25.000 тони свеж и преработен зеленчук. Овие откупно-дистрибутивни центри ќе бидат од суштинско значење за зајакнување на конкурентноста, пристап до меѓународни пазари и остварување повисоки стандарди, што пак би донело директни економски придобивки за нашите клучни производствени региони за овошје и зеленчук.