Општина Крива Паланка во соработка со МВР и компанијата „ДУО Греен Роад“ ДООЕЛ Скопје, започнува акција за отстранување на хаварисани и отпадни возила од јавни површини на територијата на општината.
Во изминатиот период беа мапирани 53 напуштени и нефункционални возила на улици, паркинзи, тротоари и други јавни простори.
Со тоа не само што се узурпираат јавни паркинг-места, туку се загрозува безбедноста на пешаците и сообраќајот, како и естетскиот изглед на просторот.
– Од 15 април 2025 година започнува постапката за нивно отстранување. Инспекциските служби и МВР ќе поставуваат известувачки налепници на возилата, со рок од 10 дена за самостојно отстранување од страна на сопствениците. По истекот на рокот, следи опомена од 5 дена, а доколку не се постапи, возилото ќе биде принудно отстрането, а сопствениците ќе се покрене постапка согласно законските прописи.
Акцијата се реализира во согласност со:
• Законот за управување со посебни текови на отпад
• Законот за безбедност на сообраќајот
• Упатствата од Министерството за животна средина
– Сите сопственици на вакви возила поставени на јавна површина, да ги отстранат во најкус можен рок и да придонесат кон почиста и побезбедна Крива Паланка! За дополнителни информации и пријава на локација на отпадно возило, обратете се до Одделението за инспекциски надзор при Општина Крива Паланка, апелираат од општина Крива Паланка.