Кривичниот суд во Скопје денеска им изрече ослободителна пресуда на петмина обвинети во повторената постапка за случајот „Шпион“. Судот ги ослободи од обвинение Миќо Насковски за делата „измама“ и „уцена“, Марјан Маџовски за „уцена“, Горан Стојков и Цветан Дамјановски „за недозволено чување и поседување оружје“ и Ѓорги Хаџимицев за делото „послужување во службата“.
Судијата Владимир Туфегџиќ, образложувајќи ја пресудата рече, дека судот особено ги ценел изјавите од оштетените дека не се чувствуваат оштетени и не поднеле оштетно побарување од обвинетите за „уцена“ и „измама“, додека за делото „недозволено чување и поседување оружје“ образложи дека во изнесените докази имало недоследности за околностите на задолжување и раздолжување на оружје на припадниците на МВР.
Застапници на обвинението се поранешните јавни обвинители од СЈО, Стефчо Донев и Елизабета Јосифовска.
Сускиот процес пред овој судечки совет е започнат во јануари 2018 година. Закажани биле 19 главни претреси, а одржани 11. Судијата Туфециќ, нагласи дека поради не појавување на неколку рочишта и не доставување на медицинска документација, постапката е раздвоена против обвинетиот Марјан Ефремов.
Според обвинителството, екс разузнавачот Марјан Ефремов бил организатор на групата која шпионирала за странски разузнавачки служби, а истовремено се занимавала со уценување, измами и изнуди.
Претходно денеска, се одржа рочиште на раздвоената постапка против обвинетиот Зоран Божиновски, на која обинителството и одбраната изнесоа завршни зборови. Пресудата е закажана за 11 февруари 2020 година.