Шефот на дипломатијата Бујар Османи, за време на работната посета на Брисел во интервју за „Агенција Европа“ изјави дека отворањето на преговори со Македонија и Албанија ќе и овозможи на ЕУ да го задржи својот кредибилитет во регионот, кој во моментов е под притисок.

Во однос на шансите за одржување на првата меѓувладина конференција во декември, Османи рече дека „по конструктивниот ангажман што го покажавме во овој период, а исто така размислувајќи за последиците по кредибилитетот на ЕУ и стабилноста на регионот, Бугарија ќе го тргне ветото и би можеле да го започнеме овој долг процес за членство во ЕУ, што е еден од нај контролираните процеси“.

Можете ли да објасните што се случува во вашата земја?

– Успеавме да ја надминеме малата политичка криза што се случи по локалните избори. Премиерот најави оставка, а тоа создаде простор за политичко маневрирање, вклучително и од некои малигни надворешни влијанија кои поттикнаа формирање на ново мнозинство, барем на хартија, кое можеше да ја загрози не само политичката стабилност, туку и стратешката ориентација на оваа земја. Тој обид за „државен удар“ не успеа.

Во моментов, Владата продолжува да работи со цел да ги реализира нашите стратешки цели и да ја приближи земјата до ЕУ. Работиме на зголемување на мнозинството за да обезбедиме поголема политичка стабилност бидејќи пред нас се многу предизвици и можности; предизвици во однос на справувањето со пандемијата и нејзините социјално-економски последици, но и енергетската криза, како и можности во однос на изгледите за почеток на пристапните преговори во декември и пробив во спорот што го имаме со Бугарија.