Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска му беше домаќин на сојузниот министер за европски и меѓународни работи на Република Австрија, Михаeл Линхарт.

Целта на посетата беше да се реафирмира силната и конзистентна австриска поддршка на европските интеграции на нашата земја и во тој контекст министрите разменија мислења за перспективите за нашето европско досие, а воедно стана збор и за внатрешно политички актуелности во Северна Македонија.

„Во Република Северна Македонија и во нашето европско досие лежи клучот за деблокирање на целиот регион бидејќи по редот на нештата оттука треба да отпочне деблокадата, преку почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Ова ќе ги охрабри и другите држави од регионот, да ги затворат отворените прашања, а со интенција целиот регион да се движи во европски правец”, истакна Османи.

Посетата на министерот Линхарт имаше и силна економска компонента со оглед на фактот дека беше придружуван и од економска и бизнис делегација. Австрија преставува еден од најголемите инвеститори во земјава, а географската близина, комплементарноста на двете економии, но пред сѐ одличните политички односи создаваат потенција за уште поинтензивна економска соработка. За време на посетата беше одржан и бизнис настан со цел натамошно унапредување на трговската соработка и искористување на инвестициските можности и презентација на програмата „Re Focus Austria”, која има за цел промоција на австриските компании во повеќе области, особено во областа на обновлива енергија, дигитална економија и инфраструктура.

Министрите, воедно дискутираа и за претстојното претседавање на нашата земја со ОБСЕ во 2023 година и можностите за идна соработка, во овој контекст. Солидарниот пристап во сузбивањето на Пандемијата, илегалната миграција и други прашања од меѓународен карактер беа дополнителни теми на разговор на средбата.