Запрашан за коментар во однос на онлајн Самитот во Загреб кој беше одржан неодамна, односно дали од овој самит нашата држава требаше да очекува некаква најава за можен датум за започнување на преговорите за членство во ЕУ, вице-премиерот за европски прашања, Бујар Османи, во денешното издание на “Отворено студио” на 24 телевизија, со став:

“Самитот во Загреб беше погрешно сфатен, ова е повеќе симболичен самит на кој ЕУ ја покажува својата посветеност кон Запад Балкан и мислам дека од заклучоците се покажува сериозна посветеност и безрезервна поддршка за европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Одлуката што ја чекавме 15 години ние ја добивме во март, тоа беше историскиот момент кога ни се смени текот на траекторијата за членство од земја-кандидат во земја-преговарач.

Прашањето кога почнува меѓувладината конференција е прашање на техника. Очекуваме на 3 јуни да биде објавен драфт на преговарачката рамка која го утврдува текот на преговорите и таа ќе ни каже по која патека ние ќе одиме до членство. Прво почнуваме со првиот кластер и поглавјата 23 и 24, но и други антикорупциски поглавја како јавни набавки, финансии итн. 3 јуни не е почеток на преговорите, почеток на преговорите е првата меѓувладина конференција која ќе се одржи откако драфт-рамката ќе биде усвоена од сите земји-членки. Јас очекувам во најдобри околности, во текот на германското претседателство, некаде октомври-ноември, да се одржи првата меѓувладина конференција и со тоа оперативно да започнат преговорите со билатералниот скрининг кој исто така трае околу една година” – заклучи Османи.