Партиите не треба да лицитираат со предлози бидејќи повеќето партии односно најголемите политички партии се дел од Владата и имаат претставници во владата за да ги предложат сите мерки за коишто сметаат дека може да има корист од нив.
Вака вицепремиерот од редовите на ДУИ, Бујар Османи го започна одговорот на новинарско прашање дали неговата партија има предлог за справување со економската криза со оглед на тоа дека не се согласува со предлогот на СДСМ за кратење на платите на администрацијата.
„Постои економски тим од економските ресори кои се среќаваат на дневна основа, но формиран е тим на експерти кои припаѓаат на различните политички спектри или биле функционери во различни влади, со цел да се даде поголем кредибилитет на сите мерките. Предлозите на ДУИ ќе бидат доставени во Владата и немаме намера да држиме прес-конференции и да предложиме мерки во јавност“, рече Османи.
Конкретно за платите на администрацијата, рече тој, ДУИ смета оти таквата мерка не треба да биде прва, туку може да се разгледаат и други варијанти без дополнително да се предизвикува лична траума кај семејствата.