Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи вели дека видел анкета каде што многу граѓани на земјава мислат дека преговорите со ЕУ не се почнати.

-Оваа пропаганда што се прави врз процесот убедило многу луѓе дека преговорите не се почнати. Тие се почнати со најважниот свој дел – скринингот и продолжуваат во текот на целата година. И Албанија треба да исполни многу услови. Уставните измени се најлесните прашања што треба да ги решиме во преговарачкиот процес. Има толку тешки реформи и компромиси во самиот процес на европеизирање, така да целиот процес на членство во ЕУ е исполнување на критериуми. Хрватска требаше два-три пати да го смени Уставот за да стане членка, истакна Османи во емисијата „Топ тема“.

Министерот коментираше изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

-Парафразирам: „Немам ништо против уставните измени, но сум против уцените“, не беше баш така, но тоа беше суштината на пораката. Тоа е голем исчекор и јас до тука сакам сите да стигнеме. Втората фаза ќе ја изменаџираме. Прво мораме да постигнеме консензус дека измените не се штетни и мислам дека ќе го постигнеме тој компромис. Се јавува една партија „за да дадеме ние, треба и вие да дадете“. Кому да дадете? Мене ми е тешко кога некој ќе ми каже дека уставните измени се проблематични и ризични и граѓаните ќе бидат исплашени. Сакам да излеземе пред граѓаните и да се расправаме за формата. Мене ќе ми биде интересно кога историјата ќе пише кој го решил меѓународното етаблирање на македонскиот јазик и баш ќе уживам во таа оценка, рече меѓу другото Османи.