Единаесеттемина претседателски кандидати кои се номинираа за собирање на 10.000 потписи, за да се најдат на избирачкото ливче по три дена акција сеуште го немаат достигнато потребниот број според последните ажурирани податоци на Државната изборна комисија (ДИК), заклучно со 25 февруари до 20 часот. Во оваа трка не се вклучени кандидатите на СДСМ, актуелниот претседател Стево Пендаровски и на ВМРО ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, кои ќе бидат номинирани од 30 пратеници, но претходно викендов треба да ги поминат партиските конвенции. Најблизу до потребните 10 илјади потписи е кандидатот на ДУИ, Бујар Османи. Тој до вчеравечер собрал 8.560 потписи. Следува кандидатот на Движењето За наша Македонија (ЗНАМ), Максим Димитриевски, кој е и претседател на овој политички субјект, со 5.923 потписи. За кандидатката на Левица, Билјана Ванковска-Цветковска, да се вклучи во претседателската трка досега гласот го долае 4.478 граѓани. На четврто место е кандидатот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, со собрани 3.091 потпис. Над илјада граѓани во изминатите три дена се потпишале за кандидатот на опозициските партии на Албанците, Арбен Таравари, кој собра 1.645 потписи.

Преостанатите кандидати немаат достигната бројка од 1.000 потписи, а зад името на кандидатот Томе Николоски сеуште нема ниту еден потпис.