Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во интервју за ТВ21 рече дека не постои никаков Анекс со 12 точки, за кој зборуваше бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов.
„Не постои никаков Анекс со 12 точки за кои зборува Каракачанов – рече Османи.
Ваков анекс во јавноста спомена Каракачанов, кој рече дека ако го потпише, Северна Македонија има шанси да добие датум за преговори во јануари или февруари.
И од МНР во соопштение објавено денеска наведоа дека во комуникацијата помеѓу македонската и бугарската страна има континуирана размена на мислења и на идеи, а последниот споделен предлог е Акцискиот план за спроведување на Договорот за добрососедство.
„Двете страни често споделуваат свои предлози и видувања во кои ги посочуваат и објаснуваат нивните позиции. Последен од низата е Акцискиот план за спроведување на обврските од Договорот за пријателство од 2017 страна, кој е предлог од наша страна, a за кој очекуваме овие денови да добиеме одговор и/или предлог забелешки и предлози од страна на Република Бугарија – рекоа од МНР.
За Анексот кој го спомена Каракачанов, а за кој Османи тврди дека не постои, изминативе денови постојано власта добива прозивки од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Лидерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи наведе дека располага со информации дека анексот е со исклучително лоши позиции за Македонија.