Во Основниот кривичен суд денес беше објавена пресудата против тринаесетте лица од Велес кои беа обвинети за сексуално злоставување на 14-годишно девојче.

Судот ги огласи обвинетите за виновни – сите се на возраст помеѓу 20 и 30 години.

На С.Д. му беше изречена казна затвор од 5 години и 6 месеци, Д.С., и Д.Н. беа осудени на казна затвор од 4 години и 6 месеци, Т.И., С.Н. добија казна затвор од 4 години, А.Ф., Б.Ф., А.З., Т.Л., Р.В., се осудени на казна затвор од 1 години 6 месеци, К.Т., на казна затвор од 1 година и 3 месеци, а на обвинетиот Б.К. изречена му е условна осуда од 2 години затвор која нема да се реализира доколку следните 5 години не стори ново кривично дела како мерка заштитен надзор.

Осудените се задолжуваат и да ги надоместат судските трошоци за постапката како и трошоците за застапување на обвинетата.

Воедно судот на првите пет осудени лица им определи мерка куќен притвор до правосилноста на постапката.

Во јануари годинава, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција го објави случајот, во кој првоосомничениот, 25-годишен велешанец, од крајот на декември 2021 година и во текот на 2022 година, со употреба на закани над детето-жртва, им овозможил на останатите осомничени и на други непознати лица да вршат полови дејствија со жртвата. Овие дејствија вклучувале сексуални активности, сексуална експлоатација и порнографија.

Според обвинителството, првоосомничениот преку апликацијата „Инстаграм“ остварил комуникација со четиринаесетгодишното девојче и ја довел во заблуда дека ќе започнат љубовна врска. На првата средба бил направен порнографски материјал, кој потоа го користел како закана за да ја присили жртвата да доаѓа на други средби.

Забавите се случувале во станови на повеќе локации во Велес, каде присуствувале повеќемина кои прво конзумирале дрога и алкохол, а потоа вршеле полови дејствија врз детето.