Јавното обвинителство на РСМ, соопшти дека по наредба на јавен обвинител, инспектор за патишта од Државниот инспекторат за транспорт извршил вонреден инспекциски надзор над градежните работи што ги изведува правно лице на автопатот А2, клучка Хиподром-наплатна станица Миладиновци, каде во сообраќајната несреќа која се случи на 2 септември автомобил „Мерцедес“ удри во товарно возило, сопственост на правното лице ангажирано на проектот, при што животот го загубија возачот на автомобилот „Мерцедес“ и неговиот малолетен син.

Како што се наведува во соопштението, по надзорот, изготвен е записник и донесено е решение со кое се задолжува правното лице веднаш да ги запре сите градежни работи до добивање на одобрение од надлежен орган за времена измена на режимот на сообраќај за изведување работи на левата – брза сообраќајна лента. Во меѓувреме, правното лице треба да постави и одржува времена вертикална и хоризонтална сообраќајна сигнализација со која ќе овозможи безбедно и непречено одвивање на сообраќајот на автопатската делница.