ВМРО-ДПМНЕ повеќе од една недела во Собранието го блокира Законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови на физички лица, со што им нанесува директна штета на граѓаните, велат од СДСМ во најновото соопштение.

Пратениците од оваа партија очигледно се против отписот на каматите и долговите што ги имаа граѓаните и законот што ќе стави крај на старите судски и извршни предмети, трансферирани кај извршителите и нотарите во 2011 година, како и предметите дадени за извршување за наплата на долгови пред извршителите заклучно со 31.12.2017 година, сметаат од СДСМ.

Наместо граѓаните да се ослободат од нивните долгови, поради штетните политики на ВМРО-ДПМНЕ тие и понатаму ќе стравуваат како да се справат со каматите и долговите.

ВМРО-ДПМНЕ со своите деструктивни политики прави се за да ги блокира и законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови за јавни претпријатија, законот за легализација на бесправно изградени објекти, законот за Академија за судии и јавни обвинители, законот за поништување на лустрацијата…

Граѓаните точно знаат кој работи за нивните интереси, а кој го штити криминалот и се грижи за личните и теснопартиските интереси, порачаа во најновото соопштение.