Ѓусте Златкова од село Шашаварлија, Штип е првата жена земјоделка, мајка, корисник на правото за платено отсуство за мајчинство. Таа заедно со својот сопруг одгледува повеќе од 300 овци а преку грант од програмата за рурален развој наменет за жени земјоделки носители на земјоделско стопанство има набавено лактофризер и калапи за сирење со што ќе ја реализира својата идеја за производство и продажба на овчо сирење. Ѓусте е и првата жена земјоделка која поднесе барање за добивање на деветмесечен надомест преку програмата за мајчинство која за првпат се имплементира од 2023 година. Вели дека е задоволна од оваа владина мерка.

– „Секако дека сум задоволна, убава поволност за секоја жена земјоделка, добро е да се донесуваат вакви мерки, со ова не само што ќе бидеме згрижени за време на тој период туку и ќе придонесе за повеќе да инвестираме во нашето производство, вели таа.

Според неа работата околу овците не е лесна но кога ќе се одлучиш на тоа нормaлно дека со текот на времето самата работа те предизвикува, те тера да инвестираш, да создаваш.

– Се занимаваме со органско растително и сточарско производство, млекото од овците поголем дел го преработуваме во сирење и досега одлично ни оди продажбата, имаме постојани купци, го продававме по цена од 500 денари за килограм, но сега размислуваме истата да ја зголемиме како се зголемуваат и трошоците. Задоволни сме од субвенциите кои ги добиваме па сме во план и за зголемување на стадото – вели Златкова.

Грижата околу овците е нивна, заедно си ги делат работите, велат за се има време кога добро ќе се организираш. Располагаат со земјоделска механизација која им е потребна за обработка на земјата, имаат засеано органска луцерка на површина од околу 25 декари која ја користат за исхрана на овците, додека на површина од 25 декари одгледуваат грав, домати, пиперки, тиквици и други градинарски култури.

– Конкуриравме за земјиште под закуп за површина од околу 6 ха, ги поднесовме документите, овде во близина на селото, планираме да засееме органска детелина, се надеваме дека истата ќе ја добиеме и ќе ни помогне за да обезбедиме доволно храна за овците, вели нејзиниот сопруг Ацо. Амбициозни, вредни за работа, велат имаат стимулации, со заеднички сили и волја можат се, а Програмите кои се нудат од страна на МЗШВ се одлична можност за земјоделците.

Инаку, оваа програма е одлично решение што овозможува земјоделките да добиваат паричен надоместок за време на мајчинство за период од 9 месеци. Голем успех за земјоделките. Преку оваа програма, земјоделките ќе имаат право на платен надоместок во случај на спреченост на вршењето на земјоделската дејност поради раѓање. Ова право за жените земјоделки, кои не се опфатени со прописите за платено породилно отсуство од областа на работните односи, се остварува за прв пат, иако проблемот постои повеќе од три децении. Од оваа година од 81.000 денари на 100.000 денари се зголемува поддршката за деветмесечен надоместок за мајчинство на жените земјоделки.
Извор: Бриф