Пејачот Спасен Силјаноски, кој е активен во кампањата на претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова бил сопрен како вози во алкохолизирана состојба, по што одбил да соработува, но и ги навредувал и им се заканувал на полицајците.
Ноќта на 6 кон 7 април во 3:40 тој бил застанат со возило во кое имало три лица, по што Силјаноски, кој што возел, веднаш се јавил телефонски и барал од министерот за внатрешни работи да ургира за да не биде казнет.
По навредите и омаловажувањето на полицијата, тој бил однесен во полициска станица, каде што продолжил да ги навредува и омаловажува полициските службеници.
„Ќе видите што ќе ви се случи после 8 мај, патари ќе ве пуштам…сега ќе му се јавам на министерот за внатрешни работи, каде и да ве најдам цивил, ќе видите што ќе ви се случи“ се заканувал пејачот кон полицајците.
На алкотестот кој му бил направен во станица се покажало дека Силјаноски возел со 2,34 промили алкохол во крвта.
Инаку Силјаноски пее во изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ, а за соработката меѓу партијата и пејачот уште во 2020 година извести носителот на листата во ИЕ5 од ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски.
Извор: 24Инфо