Претседателот Стево Пендаровски ја врачи Големата годишна награда за архитектура за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2021 година „Детска градинка Волково”, Скопје на авторите Филип Конески и Даница Спасевска. Големата годишна награда е во организација на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, а претседателот Пендаровски е покровител на традиционалната манифестација.

Во своето обраќање претседателот Пендаровски говореше за критериумите и различните аспекти кои ги опкружуваат архитектите денес, соочени со предизвикот да реализираат успешно и естетско дело кое ќе му пркоси на забот на времето и ќе ја има во себе премисата – градба по мерка на човекот.

„Македонските архитекти често се соочуваат и со дополнителни предизвици – со барањата на инвеститорите, со апетитите на урбаната мафија или, како што имавме ситуација во време на едноумието, а и до пред некоја година, да треба да задоволуваат небулозни идеолошко-политички барања” рече претседателот Пендаровски.

Во тој контекст претседателот Пендаровски ја нагласи потребата од овозможување услови архитектурата да ја исполнува својата примарна цел и да го облагородува просторот, но и нашите животи.

„Затоа, како заедница сме обврзани да придонесеме за творечката слобода и за професионалниот интегритет на македонските архитекти”, рече претседателот Пендаровски.

Честитајќи за годинашното најуспешно реализирано архитектонско дело, претседателот изрази уверување дека ќе ги надминеме сите предизвици наметнати од Ковид-19 и ќе можеме да се фокусираме на создавање и креирање, на творештво и градење.