Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на процесот Брдо – Бриони, во Брдо кај Крањ, денеска се сретна со претседателката на Република Косово, Вјоса Османи.

Како што соопшти кабинетот на претседателот, Пендаровски упати честитки до претседателката Османи за стапувањето на функцијата и изрази подготвеност за засилена соработка на највисоко ниво во следниот период.

На средбата, се посочува, соговорниците го реафирмираа интересот за унапредување на билатералната соработка во сите области од заемен интерес и порачаа дека продлабочувањето на добрососедските односи меѓу двете земји ќе придонесе за напредокот, стабилноста и безбедноста на регионот.

Покрај ова, беа разменети мислења за актуелностите поврзани со евроинтеграцијата, процесот на вакцинација и справувањето со последиците од пандемијата на Ковид 19 во двете земји.

Од своја страна, се посочува, претседателот Пендаровски ги поздрави најавите на новото косовско раководство за сеопфатна борба против организираниот криминал и корупцијата, подвлекувајќи дека таквиот процес ќе даде огромен придонес, како за развојот на Косово, така и за целиот регион.

-Соговорниците разговараа и за најновите моменти на дијалогот помеѓу Косово и Србија, при што претседателот Пендаровски го реафирмираше ставот дека тоа е дијалог помеѓу две суверени држави и дека секој постигнат резултат треба да биде насочен кон зајакнување на регионалната стабилност, стои во соопштението.