По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жените, претседателот Стево Пендаровски ја упати следната порака:

„Статусот, положбата и улогата на жените е јасен показател за степенот на демократијата во едно општество. Доколку сакаме да живееме во вистински демократско општество мора да ги земеме предвид потребите на сите граѓани во креирањето, носењето и спроведувањето на политиките. Тоа подразбира здрав амбиент во кој жените ќе бидат вклучени, а не исклучени од политичките процеси и гарантирање на буџет со цел родовите политики да не бидат празно слово, туку реално да се спроведуваат во пракса.

На тој пат, мора уште посилно да продолжиме да се бориме за справување со бариерите со кои се соочуваат жените кога влегуваат во јавниот живот. Да ги охрабриме жените претприемачи, жените во политиката и жените на раководни позиции. Да обезбедиме рамноправна валоризација на нивниот труд и еднакви плати меѓу мажите и жените.

Да ја прекинеме родовата супресија и насилство, коишто освен физички, уште повеќе се изразени преку систематското игнорирање и маргинализирање на општествената позиција на жената. За секоја жена да се чувствува безбедна и сигурна во семејството, на работното место и во општеството, не смее да има преседани во задоволување на правдата за жените жртви на родово-базирано насилство.

Само така ќе овозможиме политичко и економско јакнење на статусот на жените, социјална правда и остварување на нивните уставно-загарантирани права и слободи.

Колку повеќе вложуваме во родовата еднаквост, толку повеќе ќе им овозможиме на идните генерации да наследат општество во кое стереотипите, дискриминацијата и системските бариери ќе се намалуваат.

Борбата за родова рамноправност и еднаквост не смее да биде празна флоскула, туку вистински применлива во сите општествени и меѓучовечки односи. Жената, нејзиниот глас и нејзините права мора да се почитуваат.

Честит 8 Март!”