Пет нови лифтови направени според современите ЕУ стандарди од кои три болнички со носивост 1600 килограми и брзина на движење до 1,6 метри во секунда и два патнички се пуштени во употреба во Градската општа болница „8 Септември”, изјави денеска директорот на болницата, Христијан Костов.

Тој посочи дека лифтовите се со многу подобри карактеристики отколку старите, со поголем капацитет, со високо дигитализирана опрема која ќе пружи максимална услуга на сите пациенти кои гравитираат во болницата и на вработените во болницата.

Изрази благодарност до Министерството за здравство, до министерот Венко Филипче, кој, како што рече, имал слух за нивните проблеми особено содејствувањето за поставувањето на овие нови лифтови.

– Се надевам дека лифтовите ќе им служат на следните генерации минимум десет до 15 години. Тие се направени според современите ЕУ стандарди и ги имаат сите потребни сертификати за врвни лифтови, истакна д-р Костов и додаде дека вредноста на лифтовите е 20 милиони денари.