Кога си самостојна држава ние по ниеден начин не го доведуваме во прашање идентитетот, јазикот во Република Северна Македонија. Тоа е ваше идентитетско право. Никој тоа не го оспорува, порача вечерва бугарскиот премиер Кирил Петков во интервју за ТВ Сител.

Тој истакна дека Бугарија е првата држава која ја призна Северна Македонија како самостојна држава и оти се гордее со тоа, но постојат, како што рече, две прашања.

-Прво, зошто за толку години не сме направиле поблиски врски. И тоа не на политичка основа. Треба да изградиме вистински взаемни врски кои нема да зависат од тоа кој седи тука. Да не зависи кој е премиер во Македонија или Бугарија. Тие врски треба да се трајни. Ако двата народи мислат дека имаме најдобри односи ниеден политичар нема да се осмели да направи нешто друго. Второ, не треба да мислиме тесноградо. Дел од проблемите треба да ги адресираме на едно европско ниво. Ако поставиме едни јасни правила, како на пример дека говор на омраза не е дозволен. Секој обид треба да се пресече. Не може да се користи говор на омраза за сосед со кој сакаме да имаме добрососедски односи, посочи Петков.

За да се подобрат односите меѓу двете земји, препорача да се направат работни групи на повеќе сектори, и тие, како што рече, да разговараат на многу конкретни теми, како на пример инфраструктура.

-Прво да имаме авионска линија Софија-Скопје, затоа што треба да има. Јас сум сигурен дека ќе наполниме еден лет само од работните групи кои ќе одат и тука и таму. Второ да се заврши железничката линија која се гради 140 години. Тие работи придвижуваат, рече Петков.

Нагласи дека низ годините секоја од страните многу зборувала, многу ветувала, но не исполнувала многу од работите.

-Треба да направиме план – што ветуваме малку или многу, но да се реализира. Тоа ќе создаде чувство на доверба, и кога ќе се довериш некому ќе видиш дека успехот носи повеќе успех. Треба да покажеме конкретен чекор кон успех. Јас сега на првата средба со мене го зимам министерот за транспорт, бидејќи сакам тие теми да не бидат предмет на разговор уште три недели, туку за таа авио линија Софија-Скопје да се договориме што се вели уште утре. Зошто да чекаме? Тој е тој приод. И откако ќе го завршиме тоа, веќе сме го направиле првиот успех. Следува вториот, па третиот и така да ги наредиме успесите и патоказот и да има дисциплина, потенцира Петков.

Според него, многу е важно да ги видиме правата на Бугарите во Македонија, не само за меѓусебните односи туку е важно за правата на сите.

-Во нашиот устав сите се еднакви и нема одделни групи. Во македонскиот устав има и одделни народи кои се набројани во Уставот. И едноставно во тие конструкции кои се во Уставите ние веруваме дека сите треба да имат еднакви права. И иако тоа не е спорно, да го сложиме во реална рамка. Според мене убаво би било да се случи да се вметнат Бугарите во Македонија во уставот бидејќи тогаш нема да се има чувство дека има некоја посебна разлика меѓу другите народии Бугарија. Едноставно да има рамноправност, потенцираше Петков за Сител.