Бугарскиот премиер, Кирил Петков, сепак ќе ја посети земјава на 18 јануари, како што претдхоно беше утврдено, соопшти македонското Министерство за надворешни работи

„По денешните консултации меѓу двете министерства за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија, констатирано е дека одлуките на здравствените власти на Република Бугарија, за самоизолација на дел од Владиниот кабинет на Премиерот Петков нема да ја променат претходно договорената рамка за посетата на високата владина делегација на Скопје. Соодветно, информираме дека терминот 18 јануари, останува како утврден датум за реализација на посетата, која се очекува да соодветствува и со изборот на новата Влада во земјава“, информираат од МНР.

Претходно беше објавено дека Петков ја одложува посетата поради контакт со позитивен на коронавирус за време на средбата на Советот за национална безбедност во Софија.

Од прес-центарот на бугарската влада истакнаа дека посетата на Скопје не се откажува, туку дека се одложува, но не е јасно за кога, пренесе БНТ.

Бугарскиот претседател на Собранието, Николај Минчев, вчера добил позитивен ПЦР-тест по состанокот на Советодавниот совет за национална безбедност под претседателот Румен Радев, каде што присутвуваше и Петков.