Лесно може да ја урнат владата, но тешко ќе направат нова – вака лидерот на НСДП Тито Петковски за Фокус ја коментира вчерашната најава на опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Левица и АА дека со БЕСА имаат ново парламентарно мнозинство, кое, како што порачаа, доколку премиерот Зоран Заев не поднесе оставка, ќе избере нова влада или ќе се организираат предвремени парламентарни избори.

–Оставката на премиерот повлекува оставка на цела влада и тогаш ситуацијата е иста како и при евентуално изгласување на недоверба на владата. Вчерашниот настан што се случи поради револтот на БЕСА за Желино не значи ништо ако на седница 61 пратеник не изгласаат недоверба на владата. Тоа верувам дека лесно може да го направат, но сметам дека истата структура тешко ќе формира нова влада, поради личните и концепциски разлики – изјави Петковски за Фокус.
–Доколку не може да се избере нова влада, тогаш неминовни се нови предвремени парламентарни избори. Нивното организирање од пржинска влада е политички договор вметнат во закон, но, според мене, таква влада и не мора да се формира бидејќи Уставот не ја препозната а тој е највисок акт – истакнува Петковски.

Инаку, тој е еден од коалициските партнети во владата кои отворено се против поддршка на новото мнозинство, чии претставници вчера истакнаа дека нивното мнозинство од 61 пратеник може да порасне на 64.