Бројката е ирелевантна и реално е да се очекува зголемување на бројот на случаи на пертусис овие денови и недели, па затоа и Комисијата се одлучи за превентивни мерки, мислам навремени, со цел да спречиме огромно зголемување кое може да биде сериозно и да донесе проблеми какви што ги гледаме во околните земји, изјави проф. д-р Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заразни болести, во денешната „Топ тема“ на ТВ Телма. Бројот на случаи со пертусис, сметајќи ги и денешните четири нови случаи, се искачи на вкупно 26 во земјава.

„Најголем дел од заболените лица се невакцинирани деца, но меѓу потврдените случаи има и вакцинирани. Има и некомплетно вакцинирани. Најголем дел се деца до петгодишна возраст, но потврдени случаи има и кај родени во 1979 година, во 1973 година“, изјави проф. д-р Петличковски.

Моментално, како што додаде, нема информации дека некој од згрижените пациенти е во потешка состојба.

„Најголем дел од нив се дијагностицираат и се испраќаат на домашно лекување“, рече првиот човек на Комисијата за заразни болести.