Вчера она што се случи во седиштето на СДСМ, каде се избра новото лидерство на партија, а новиот претседател го доби мандатот за премиер, ќе остави белег во следната година. За ова во Утрински брифинг поразговаравме со портпаролката на СДСМ, пратеничката Славјанка Петровска.

-Жестока дебата немаше на вчерашната седница. Без разлика кој од нас на која позиција се наоѓа, секој од нас што се занимава со политика би требало да има политичка култура и да знае кој треба да ги соопшти во јавноста, а кои работи треба да останат во партијата. Мој впечаток е дека сите говорници беа искрени и имаше разумни дискусии, вели Петровска.

Лидерот на партијата Зоран Зав, по поразот на локалните избори се повлече. Претпоставка е дека имало критики.

-Дискусиите беа во иста насока, а критика секако дека имаше. За тоа и се залагаме во партијата. Ако во партијата не се слуша критика, партијата нема да ги слуша критиките од јавноста, а тоа е лошо, вели Петровска.

Порано имаше жестоки дебати во СДСМ. Во времето на Заев немаше такви дебати. Новото раководство е составено од една претходна екипа и луѓе на Заев во обид да се надминат поделбите во партијата.

-Вчера ЦО беше посветен на избор на ново раководство. Станува збор за луѓе кои во минатото биле активни во политичкиот живот, особено во СДСМ. Тие во себе имаат потенцијал и сакаат да ѝ помогнат на партијата и на народот. Инаку, сите сме сведоци за широките раце кои Заев ги имаше кон општеството. Тој по онаа заробена држава покажа како треба поинаку, вели Петровска за Утрински брифинг.

Прашање е дали ова амалгамирање на кадрите, оние од некогаш и оние новите, ќе даде резултат.

-И во јавноста се коментира дека целото членство на СДСМ не беше ангажирано за време на локалните избори и веројатно тука е клучниот момент. Дискусии секогаш може да има кој на која страна е приклонет. Шпекулации се дека ќе бидам иден министер за правда, сѐ додека мандатарот не одлучи така. Ковачевски не го познавав многу од порано, но сега имав време подобро да го запознам, вели Петровска.

Говорот на Ковачевски вчера беше прилично технократски, зборуваше за економија. Не спомена ништо за демократија и развој на општеството, а Македонија повеќе зависи од демократските процеси.

-Не гледам дека со говорењето за економија се занемаруваат аспектите на демократијата. Неговиот пристап не значи дека заборавил на демократијата. Граѓаните праќаат порака дека економијата ги загрижува. Тоа не значи дека „Едно општество за сите“ ќе замре. Сѐ зависи од тимот со кој ќе биде опкружен премиерот, вели Петровска.

Стилот на Заев беше необичен. Дали Ковачевски ќе се обиде да имитира дел од начините на водење на партијата на Заев или ќе има поинакво однесување. Петровска вели дека Ковачевски има поинаков стил.