Министерот Наќе Чулев доби предупредување од италијанските власти дека издавањето информации во јавноста за акција што е во тек е крајно несоодветно, вели дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска, во интервју за емисијата „360 степени“, која се емитуваше синоќа на ТВ Алсат. Станува збор за меѓународната акција за сузбивање трговија со кокаин, од која дел се одвиваше на македонска територија, во селото Крушопек, општина Сарај.

„Со издавање на информациите однапред и соопштување дека станува збор за огромна акција од страна на министерот Чулев, се информирани и структури што не треба да бидат информирани во тој момент дека во нашата земја се одвива акција“, вели Петровска.

Според неа, најголеми последици за акцијата имало во Босна и Херцеговина, каде исто како и во земјава, била следена контролирана пратка на кокаин.

„И на крај, бидејќи акцијата е пробиена, не е постигнат посакуваниот ефект ододносно она што италијанските власти очекувале дека ќе се случи“, вели дополнителната заменик-министерка во МВР.