Министерката за одбрана, која е и претседавач на Централниот одбор на СДСМ, Славајанка Петровска, во 24 анализа на Телевизија 24 зборуваше за тоа што може да се очекува во СДСМ по резултатот на двојните избори од 8 мај.
Петровска посочи дека следната недела ќе започне постапка за следниот Конгрес, но дека таа лично смета дека е важно покрај оставките да се направи една добра анализа внатре во партијата.
„За да не се повтори истата грешка од 2021 година, кога и тогаш имаше оставки од тогашниот претседател Заев, но тогаш не се направи анализа и вистинско детектирање на проблемите и тоа денес не чинеше уште помалку гласови од последните локални избори. Кога велам анализа не мислам на долги политички дебати туку во внатрепартиска постапка да се детектира одговорност дали е тоа со име и презиме, со некоја одлука што е донесена, начинот на носење или неносење на одлуки и јас секогаш внимавам таквите дебати да не ги водам во јавност, затоа што сум социјалдемократ по убедување и по дејствување. Мојот личен рејтинг ми е во втор план а многу поважно ми е како партијата ќе излезе од овој процес“ рече Петровска.
Таа додаде дека една од слабостите во работењето на партијата кое било воочено и во 2021 година е централизирањето на носењето одлуки во партијата.
„Веројатно централизирањето при назначувањето на претседатели на општинските организации, а при тоа да нема консултативен процес или избор од страна на членството на општинско ниво, веројатно е нешто што, според мене, е еден од пропустите што сме ги направиле“ порача Петровска.