Славјанка Петровска, дополнителната заменик-министерка на МВР во изјава за „360 степени“ вели дека не дала согласност Синиша Алексовски од Агенцијата за разузнавање да премине во МВР, по барање на техничкиот министер Наќе Чулев.
„Согласно потребите на кабинетот на техничкиот министер Чулев, заедно потпишавме спогодби за преземање на петмина вработени од АР во МВР и тие се реализирани. Точно е дека одбив да потпишам дополнителна согласност за спогодбено преземање на четворица вработени од Агенцијата за разузнавање на позиции во Министерството за внатрешни работи. Тоа го направив од причина што не бев доволно убедена во аргументите за неопходноста за нивно ангажирање во МВР. Сметам дека во Министерството има доволно професионалци кои можат да придонесат за организирање и спроведување на фер и демократски избори и кои немаат никакви дамки и поврзаност со настани во кои била загрозена безбедноста на државата“,изјавила Петровска за „360 степени“.