Во попладневното издание на “Црвена линија” на Телма ТВ гостинка беше заменик-министерката за внатрешни работи, Славјанка Петровска, која одговараше на прашањата на граѓаните од областа на надлежностите на МВР во услови на коронавирус и прогласена вонредна состојба. Во однос на досегашните непочитувања на мерката за самоизолација, како и последниот инцидент во Битола каде петчлено семејство, повратници од Италија, го прекршиле решението за домашна изолација, а при укажување од страна на соседите, истите ги нападнале вербално и физички и воедно упати апел до сите идни прекршувачи на мерката за самоизолација:

“Знаеме дека нетрпеливоста може да порасне во овој период, меѓутоа граѓаните, особено оние граѓани кои имаат решенија за домашна изолација или потпишано изјава за самоизолација е неопходно да бидат внимателни и да ги почитуваат мерките кои им се изречени. Во спротивно, полицијата навистина ќе биде приморана да го употреби своето законско право и ќе употреби репресивни мерки. Можеби треба да се размислува и во насока јавното обвинителство во случаи кога постои прекршување на наредбата, односно решението за изолација, дури и да го примени и правото да изрече куќен притвор, што е построга казна.

Можеби ќе треба и да се размисли за такво нешто затоа што само со строга дисциплина ќе можеме да го спречиме ширењето на оваа болест и да овозможиме сите да си ја работат својата работа.” – истакна заменик-министерката Петровска.