Во вечерашното издание на “Вин-вин” на Телма телевизија, дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска, истакна дека пораката на министерот за внатрешни работи дека нема да казнува има далекусежни последици и дека таму каде што се гледа дека превентивните мерки не даваат резултат, секако треба да се применат репресивни мерки.

“За жал, по подолго време повторно се враќа полицискиот час иако Владата најави омекнување на мерките. Во последниот период се почувствува опаѓање на дисциплината и кај полицијата и кај граѓаните. Можеби тоа беше испровоцирано од некои политички изјави. Министерот е оној што раководи со МВР и тој ја испраќа пораката за тоа како Министерството треба да биде позиционирано. Ако јас излезев со спротивна изјава, ќе требаше да имаме двојство. Ќе беше неодговорно ако поттикнев раздор во полицијата, а сега не е време, ниту место полицијата да служи за партиско поткусурување.

Апсолутно сум против да се казнуваат оние што го спроведуваат законот, но улогата на полицијата е јасна, превентивна и репресивна. Репресивна кон оние што не ги почитуваат законите. Дисбалансот во размислувањата дали треба нешто да ограничиме доведе до неодлучност во постапувањето. Премногу долгото вагање на нештата не доведе до овие последици. Инаку, ваков тип собирања, верски, кои не соодветствуваат на препораките и мерките, се видливи на двете страни од Скопје” – истакна Петровска.