Занаетчиите што купиле нов алат, машини или имале нов производ во 2023 и 2024 година ќе може да се пријават за субвенција во износ од најмногу 200.000 денари или 40 отсто од трошокот што ќе докажат дека го направиле. Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, извести дека за субвенции на занаетчиите се одвоени 6,5 милиони денари од буџетот на Министерството за економија.

„На јавниот повик може да се пријват активни и регистрирани занаетчии и вршители на занаетчиска дејност, услов е да не е отворана стечајна постапка за нив, да немаат долгови кон државата и кон вработените, да работеле најмалку една година пред објавувањето на јавниот повик и да немаат добиено финансиски средства по јавните повици на Министерството за економија минатите три години“, извести министерот Дурмиши.

Повикот е објавен минатата недела, а занаетчиите ќе може да се пријавуваат до 1 октомври. Истовремено, објавен и повик за поддршка на проекти на здруженија и занаетчиски комори во следните области за организирање обуки за поединечни занаетчиски дејности и креативни занаети, организирање форуми, организирање промотивни активности и обуки за јакнење на свеста и придобивките од легализација на занаетчискиот бизнис.

Деталите за условите и документите потребни за пријавување се објавени на веб-станицата на Министерството за економија.

Министерот Дурмиши ги повика занаетчиите од сите региони во државата да се пријават за поддршка. Најави дека Министерството и во иднина ќе креира мерки за поддршка на занаетчиството, а останува отворено и за предлози што е го унапредат занаетчиството во земјата.