Во Клубот на пратениците почна средбата на премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев со претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, на која, како што е најавено, треба да се разговара за можноста за приклучување на пратениците на Алтернатива во парламентарното мнозинство и за влез во Владата.

Средбата е најавена од вчера, а како што кажа координаторот на пратеничката група на СДСМ во Собранието, Јован Митрески синоќа на ТВ 24, дека Заев ќе има средба со лидерот на Алтернатива и други претставници на опозицијата на која ќе се разговара со зголемување на новото парламентарно мнозинство.

– Тие преговори ќе продолжат и какви места ќе се понудат за тоа е дадено овластување на Заев од ЦО на партијата и понатаму ќе носиме одлуки низ партиските телата, изјави Митрески, нагласувајќи дека има и други пратеници со кои се разговара и кои во минатиот период давале поддршка.

Пратеникот и член на претседателството на Алтернатива Скендер Реџепи, вчера изрази верување дека партијата ќе донесе одлука да биде дел од Владата затоа што, како што кажа, интеграцијата на земјата во ЕУ е приоритет пред уривањето на власта.