НЕОКОМ преку својата платформа neoCloud заедно со Македонска берза им овозможи специјална услуга на брокерите, со која во периодот додека трае кризата со коронавирусот COVID-19, бесплатно ќе може да се приклучат од далечина и да продолжат со редовните активности на берзата, согласно препораките од надлежните институции за непречено тргување во услови на физичко дистанцирање.

-На тој начин вработените во брокерските друштва од дома, без да имаат потреба да доаѓаат во своите канцеларии, ќе можат да ги извршуваат секојдневните трансакции и да продолжат редовните тргувања на Македонската берза, велат од НЕОКОМ АД.

Работата во облак (cloud) во екот на кризата, посочуваат, е од голема важност имајќи ја предвид потребата од пристапување до податоци од далечина, што всушност ја претставува и главната карактеристика на платформата neoCloud.

-neoCloud e платформа која НЕОКОМ ја имплементираше уште во 2014 година како одговор на потребите на компаниите за работа во облак. Нејзините главни предности се редундантноста, големата достапност и безбедноста кои се најбитни кога станува збор за пристап до податоци. Како потврда за квалитетот на платформата се и бројните институции од финансискиот сектор како банки и осигурителни друштва кои ја користат оваа платформа, а на кои безбедноста и достапноста на податоците им е од основно значење, посочуваат од НЕОКОМ.